Фудбалерите на Селта на гости ја совладаа Валенсија со 3:1  и се пласираа во четвртфиналето на Купот на Шпанија

Гостинот од Галиција прв дојде во водство кога Лука Де Ла Торе ја затресе мрежата во 13-тата минута.

Веќе пет минути потоа беше 0:2, откако Анастасиос Дувикас реализира пенал. До крајот на првиот дел од играта беше досуден уште еден пенал, овојпат за домашните. Пепелу ја искористи шансата да се запише меѓу стрелците и да намали на 1:2.

Второто полувреме и припадна на Валенсија, но само статистички. Избраниците на Рубен Бараха не успеаја да создадат конкретна шанса за израмнување.

Затоа следеше казна на спротивната страна. Дувикас во 80.минута ги постави конечните 1:3 за гостите.

Така Селта им се придружи на Мајорка, Севиља и Атлетик Билбао во четвртфиналето.

Вечерва се играат и натпреварите, Осасуна – Реал Сосиедад и Џирона – Рајо Ваљекано. 

За утре закажани се последните две средби. Унионистас ја пречекува Барселона (19.30 часот), а во мадридското дерби, Атлетико е домаќин на Реал (21.30 ч).