Македонската фудбалска репрезентација ги почнува подготовките за натпреварите против Италија и Англија. 

Во пресрет на двата последни меча од квалификациите за Европското првенство своите очекувања од подготовките и натпреварите ги истакнаа репрезентативците Јани Атанасов и Дарко Чурлинов.

„Среќен сум што се враќаме во националниот тим, не радува тоа што сите сме здрави и подготвени и посебно што во тимот се враќа Тихо Костадинов после долгата пауза поради повреда.

Нé очекува меч со Италија, натпревар кој очекувам да биде сосема поинаков од тој во Скопје.

Се надеваме на успех, треба да бидеме компактни, желни за успех и се разбира да ги исполниме задачите на селекторот“,

изјави Јани Атанасов. 

И Дарко Чурлинов ветува голема борба, иако нашата селекција ги загуби шансите за пласман на Европско првенство.

„Иако немаме шанса за пласман на ЕП , ќе дадеме се од себе, така ќе биде и овој пат, така е секогаш кога играме за Македонија.

Знаеме какви светски сили се Италија и Англија. Ќе ги анализираме противниците, немаме што да загубиме и едноставно треба да одиграме максимално ангажирано.

Секогаш е добро кога има конкуренција во тимот, во добра натпреварувачка форма сме и се надевам дека тоа ќе го искористиме. Ќе се обидеме да го спречиме италијанскиот состав да не победи. Играме за Македонија, а кога сме овде не постојат изговори“,

истакна Чурлинов. 

Во петок (17 ноември) Македонија гостува во Рим, а на 20 ноември (понеделник), на арена „Тодор Проески“ ја пречекува Англија. Двата натпревари ќе се играат во вечерниот термин од 20.45 часот.