Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер претрпе нов пораз во групата А од Лигата на шампионите. Вечерва во дуелот од 6.коло загуби на домашен терен од полскиот тим Киелце со 21:24 (8:14).

Слабото прво полувреме го спречи македонскиот шампион да се израдува на првиот бод. На клупата на битолчани денеска дебитираше Бранислав Ангеловски, кој на овој дуел ги замени Александар Јовиќ и Звонко Шундовски.

„Пелистерци“ лошо го почнаа натпреварот и противникот поведе, а во 18.минута беше 9:2 за Киелце и набрзо и највисоките +8 на дуелот (11:3 за гостите). Сепак во финишот на првиот дел македонскиот првак успеа да намали и негативата беше -6 (8:14).

Вториот дел почна во знакот на голманот на Е.Пелистер Урбан Лесјак, кој се неколку одбрани го „крена“ својот тим и во 44.минута битолчани беа во негатива од само еден гол (15:16).

Брзо Киелце ја зголеми предноста на три разлика, а битолскиот тим со голот на Урош Борзаш пак намали на еден негатива (19:20). По 21:22 во завршницата искуството реши и Киелце ги казни брзоплетите реакции на домашниот тим и славеше победа со 24:21.

Најефикасен на дуелот беше Богдан Радивојевиќ од Е.Пелистер со 6 голови, а кај Киелце најпрецизен беше Михал Олејничак со 5. Голманот на Еурофарм Пелистер дуелот го заврши со 9 одбрани.

Во првиот натпревар од оваа група одигран денеска Алборг го победи Колштад со 27:25.

Во следното коло на 16.ноември македонскиот шампион Еурофарм Пелистер гостува во Унгарија кај екипата на ПИК Сегед.