Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа ги почна квалификациите за Европското првенство 2024 година. 

Попладнево во СЦ „Јане Сандански“ Македонија убедливо ја совлада селекцијата на Азербејџан со 40:17 (полувреме 23:10).

Ова е добар почеток на новиот циклус квалификации особено што со позитивен резултат на следниот дуел со Литванија на гости во Вилнус македонските ракометарки ќе бидат на чекор до пласман на ЕП 2024.

Фаворит во групата за првото место е селекцијата на Шпанија.

Македонија максимално ангажирано го почна дуелот и од самиот старт нашите ракометарки ги казнуваа грешките на противничките и брзо стигнаа и до двоцифрено водство. Во 10-та минута веќе беше 12:2 и прво двоцифрено водство за Македонија. На полувреме Македонија имаше и водство од 23:10.

Во вториот дел (42.минута) Македонија имаше и +20 водство 32:12. 

Во текот на целиот натпревар селекторот Кристијан Грчевски им даде шанса на сите ракометарки кои беа во составот.

Јована Саздовска и Андреа Седлоска со по 7 голови беа најефикасните во македонскиот тим.