Искреноста е најважен предуслов за успех во вежбањето

Дека физиката активност е повеќе од здравје, било тоа рекреативно вежбање или професионален спорт, тоа е повеќе од јасно.

Но, многу важно како и пред се со кого го спроведувате тоа вежбање. 

Во продолжение разговараме со Нора Јаневска, фитнес тренер, која својата едукација ја има стекнато на “Факултет за физичко образование, спорт и здравје”.

Нора, уште од најраната возраст е вклучена во спортот, кошарка, одбојка..
Тоа е причината таа да се запише во „Спортска академија” на отсекот кошарка, а потоа на Факултет за физичко образование, спорт и здравје”.

„Како и секоја друга работа не е лесно. Голема посветеност, откажувања, едукација е основата, а потоа работа и надградување на стекнатото знаење“.

Но, тоа не е предуслов за постигнување на посакуваните резултати, особено кога во прашање се рекреативците. 

„Проблем е тоа што луѓето не се искрени како прво кон себе, а потоа и со мене, во врска со исхраната и со нивниот начин на живот“.

Очекувањата честопати се не реални, а тоа се должи на дезинформациите и не едуцираноста.

„Најчесто луѓето не знаат што е реално, а што не е, бидејќи на интернет кружат премногу дезинформации, бидејќи секој си дозволува да каже нешто што тој самиот го мисли, а не нешто што е базирано на факти.

Е тука потоа треба да следува објаснување зошто нивното барање не може да биде исполнето и не би било во ред да одиме со тој пристап“.

Колку е важен фитнесот во секојдневниот живот?

„Самото вежбање е превенција од премногу болести како на пример: срцеви заболувања, мозочен удар, остеопороза.

Со вежбањето придонесуваме за подобрување на кардиоваскуларниот систем, зголемување на мускулна маса, зацврстување на коски, зглобови, лигаменти, а самото тоа придонесува за полесен начин на живот и намалување на ризикот од повреди.

Вежбањето помага во борбата со депресија, анксиозност и стрес. На некој начин помага да ја исфрлиме негативната енергија.

Така што мислам дека ова се доволни причини за да почнеме да вежбаме уште денес, а не од следен понеделник“, вели Нора.

Како што истакнува таа, рекреативците се во голема предност во однос на професионалците кога во прашање е вежбањето. А, зошто е тоа така Нора објаснива.

Рекреативците наспроти професионалците во одреден спорт имаат одредени предности.

Кога си рекреативец одиш да вежбаш кога ти се чувствуваш способен да вежбаш, кога ти е потребно да се “издуваш” поради одреден притисок од секојдневието, кога се чувствуваш одморен за тренинг, кога чувствуваш дека моментално тоа ти е потребно.

Кај професионалниот спорт, тоа ти е работа и мораш да одиш да тренираш без разлика дали си спиел добро, дали моментално ти се тренира, дали се чувствуваш способно за тренинг итн..

Затоа ќе кажам рекреативното вежбање е многу поздраво отколку професионалниот спорт.

Финансискиот бенифит на нејзината професија, е во втор план, бидејќи Нора тоа го работи со голем љубов и желба да помогне секому. 

„За жал доколку си вработен во теретана платите се премногу мали и не можеш да живееш со таа плата.
Доколку работиш само како персонален тренер и сам си правиш цена за услугите што ги нудиш, тогаш може да се живее солидно“, завршува Нора.

Посветеноста во работата нејзиното знаење и едукација се голема предност на оваа млада дама, а резултатите доаѓаат само кај искрените и посветени клиенти.