Се наближува новото издание на најмасовната атлетска манифестација во нашата земја 19-тото издание на „Скопскиот маратон“.

В недела низ улиците на главниот град, повторно ќе бидеме сведоци на голема масовност, како на професионални атлетичари, така на аматери и рекреативци.

На годинашното издание се пријавени вкупно 11.079 учесници. Тоа е нешто помалку од актуелниот рекорд на пријавени. Имено во 2019-тата на Скопскиот маратон учествуваа 12.500 натпреварувачи.

Покрај маратонска и полу маратонска трки, тие ќе се натпреваруваат на 5 километарската – хуманитарна трка, детскиот мини маратон и „Team Building“ трка.

Подигнувањето на стартните пакети за маратонот, ќе биде на 29-30 септември во Спортскиот Центар “Јане Сандански“ во населбата Аеродром.

Работното време на „Маратон ЕКСПО“ е петок и сабота од 10 до 20 часот.

При подигање на стартните пакети потребно е да се покаже потврдата која ви е испратена на емаил или документ за лична идентификација. Без овие документи нема да може да се подигне стартниот пакет.

Организаторите напоменуваат, дека, на денот на трката (1 октомври 2023) нема да се издаваат стартни пакети.

Сите детални информации може да ги најдете на официјалната веб страна http://skopskimaraton.com.mk/ како и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.