Најдобрата машка одбојкарска репрезентација втората недела се подготвува за Европскиот шампионат чиј ко-домаќин ќе биде и нашиот главен град.

Од 30 август до 6 септември во Скопје ќе се играат дуелите од Ц групата.

Селекторот Миленковски е задоволен од досегашниот тек на подготовките, кои во наредниот период ќе бидат насочени кон техничко-тактичкиот план.

„Минаа седум дена, одработивме десетина тренинзи. Следува вториот микро циклус, во кој ќе почнеме да се подготвуваме за пријателските натпревари, пред се на тактички план. Досега сè оди како што треба, без проблеми. На добар пат сме и верувам дека ова ќе вроди со плод“, вели селекторот Миленковски.

За разлика од подготовките за Златната лига, овие за ЕП се двојно подолги, па тоа ќе биде повеќе од доволно смета селекторот.

„Во Златната Европска лига игравме со силни ривали. Тоа ни покажа до каде сме, беше успешен тест. Речиси сите натпревари ги одигравме на високот ниво, некои ги добивме, а некои загубивме. Ќе одиграме многу контролни натпревари кои ќе ни овозможат за го постигнеме она што го сакаме, да изградиме наша препознатлива игра“, изјави Миленковски.

За што подобро подготвени да го дочекаат ЕП, нашите одбојкари ќе одиграат и 11 контролни натпревари во следниот период.