Утре во Скопје започнуваат натпреварите во Б дивизијата на Европското првенство за кошаркари до 20 години.
Младинската македонска репрезентација ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен и да се вброи меѓу носителите на медали, односно трите првопласирани селекции, кои ќе обезбедат пласман во елитната А дивизија, изјави за официјалната веб страна на МКФ, селекторот, Нилола Василев.
„Би сакал да одиме чекор по чекор, во моментов најважно е да ја поминеме групата, па потоа можеме да размислуваме за се, за сите опции. Како конкуренти за највисок пласман ги гледам Чешка, Финска и Шведска, но и ние ќе се обидеме да се вмешаме во борбата за медалите“ , истакна селекторот Василев.
Со иста желба сигурно се и останатите 18 репрезентации кои се поделени во четирите групи, од кои само двете првопласирани ќе обезбедат место во разигрувањето (четврт-финале).
Нашите младинци се дел од групата „А“ во која за противници ги имаат селекциите на Словачка, Бугарија, Чешка и Ирска редоследно.
Сите натпревари македонските младинци ќе ги играат во терминот од 18 часот и 30 минути.
Сите актуелности поврзани со ова првенство можете да ги следите ОВДЕ.