Младите кошаркари на Водно Санс го освоија трофејот наменет за шампионат на Македонија во кадетска конкуренција, со што уште еднаш потврдија дека ја имаат најдобрата екипа во оваа генерациска возраст.

Во финалето на завршниот фајнал-фор турнир одигран во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, за кошаркари до 16 години „Сонцата од Водно“ беа подобри од домаќинот и организатор Феникс.

Во текот на целиот натпревар екипата на Водно Санс беше онаа која го контролираше резултатот, за на крајот да слави победа со 82-71.

Еден скок недостасуваше ударното трио Марјановиќ-Јаничиќ-Бaтемер средбата да ја комплетира со дабл-дабл.

Така најефикасниот Никола Јаничиќ кој постигна 21 поен застана на 9 скокови. Лука Марјановиќ на 14 поени додаде 10 скокови, и 7 асистенции колку што имаше и Даниел Луис Бaтемер кој реализира 12 поени, а имаше и доминантни 17 скока.

Двоцифрен број на поени во победничката екипа имаа и Лазов 18 и Сребров 15.  Кај поразените со својата игра се издвои Дамјан Ивановски кој на 18 поеми додаде и 12 скокови.

Бронзениот медал го освоија кошаркарите на Баскет Кам кои во дуелот за 3-тото место го победија МКК Куманово со 66-63.