За разлика од првиот натпревар во евроквалификациите, против Малта во Скопје, за претстојните два со Украина во Скопје и Англија во Манчестер, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски не ќе може да смета на двајца одлични фудбалери.

Станува збор за напаѓачот Бојан Миовски кој неодамна при настап на својот тим Абердин заработи повреда на скочниот зглоб, како и членот на англискиот Барнли, Дарко Чурлинов кој има здравствени проблеми.

Селекторот Милевски информира дека Чурлинов има здравствени проблеми и дека е во белградската болница, па на обајцата им посака брзо оздравување.

Како алтернатива за нов во тимот е повикан дебитантот Сефер Емини од данскиот клуб Сондерјиске.

„Сите оние кои се тука се најдобрите и се во комбинација за настап. За нападот ќе видиме кои играчи ќе играат во првите 11“,
рече Милевски.

Како што образложи селекторот, поради слаба минутажа не се повикани Кире Ристевски, Стефан Спировски и Бобан Николов.