Во Првата женска фудбалска лига, денес со почеток во 17 часот ќе се одигра последното, 22-рото коло.

Дербито на колото ќе биде натпреварот во Тетово, каде што бранителот на титулата, Љуботен, ќе ја угости екипата на Каменица Саса, во директна пресметка за првата позиција, а со тоа и шампионскиот трофеј.

На тетовки ќе им биде доволен бод за да се задржат на првата позиција и да ја одбранат минатогодишната титула, а воедно и да освојат двојна круна оваа сезона.

За екипата од Македонска Каменица само победа е во игра за да стигнат до првата позиција, а со тоа и да се реваншираат за поразот во финалето од купот на Македонија.

Моментално Љуботен е на првата позиција со 53 бодови и плус 102 гол разлика, додека Каменица Саса, која е на второто место, има 3 бодови помалку (50) и плус 118 гол разлика.

Првиот натпревар помеѓу овие две екипи во Каменица заврши без победник, 1:1.

Сите овие бројки ветуваат дека не очекува еден возбудлив и неизвесен натпревар во кој ќе го дознаеме новиот шампион во Првата женска фудбалска лига.

Филип Василевски