Приказната „јас сум за млади“ не држи вода, кога во прашање е парата!

Убави се приказните на бројните така-наречени „спортски работници“ кога со полна уста велат и сами се фалат „јас сум за развој на млади таленти, мене друго не ме интересира“.

Тоа делува толку многу милозвучно, што ви доаѓа да се расплачете од радост.

Но, реалноста е сосема поинаква, не баш така „розова“ како што ви ја претставуваат. Повеќе од сигурно, тоа го нема ниту во најубавите спортски бајки, барем не во Македонија.

Ако и не ги знаете така добро или не сте се распрашате, а вашето дете е решено да се занимава со спорт, тогаш таквите луѓе ќе ви симнуваат планини, ќе ве пренесуваат преку полиња и мориња и на крајот, самите ќе констатирате, па овој е во најмала рака лажго (да не употребиме погрд збор кој сигурно Вие самите кои го читате ова, досега ви текнале многу по конкретни и позвучни, а во суштина реални изрази).

Ако сме за спортот и развојот на младите генерации, а тоа го декларираме каде ќе стигнеме и кому ќе ни текне, тогаш, редно е доследно да го спроведеме тоа.

А, нашата цел (покрај мисијата, а таа е да потсетиме е – афирмација на млади МАКЕДОНСКИ спортски таленти), е да ги разобличиме сите девијантни појави и ликови кои со години метастазираат како карцином, во македонското спортско ткиво.

Ликови кои како крлежи навлегуваат длабоко во спортските „органи“, а како „медузи“ успешно пливаат и низ функционерските кругови, се со една цел. ЛИЧНА и САМО ЛИЧНА КОРИСТ.

Сигурно секој од вас, кој барем малку прати спорт или се нашол во круг на луѓе кои се инволвирани во македонскиот спорт, знае барем само по една (а најчесто и десетина) приказни, како така-наречените „спортски работници“ уништувале млади таленти.
Или, како таквите „крлежи“ на родителите им ја „цицале“ и последната пара од нивниот сиромашен буџет, со приказни дека „така е најдобро за нивните деца“.

А, родителите. Кои уки, кои неуки (незапознати со кого си имаат работа), а со цел нивното дете да биде среќно и да се дружи, социјализира и создава работни навики, и останати низа благодети кои ги нуди спортот, честопати свесни, премолчувале, и „играле“ по музиката што ја свират тие КАРЦИНОМИ, само детето да биде среќно во тоа што го прави – спортува.

И кога детето ќе се откаже од спортот или кога ќе престанете да им плаќате на тие ликови, тогаш сте најгласни. Тогаш ја барате поддршката од медиумите. Тогаш сакате на виделина да го изнесете целиот „засран“ веш. Е, тогаш не бива, з’ш, смрдеата останува да се шири зад стореното.

Почитувани родители на млади спортисти, тогаш е премногу доцна. Освестете се на време и кажете НЕ, кажете ДОСТА Е, доста не лажете и „рекетирате“, доста правите филмови како вие така-наречените „спортски работници“, ве интересира спортот македонски, а не денарот, еврото или доларот.

Ова е краток вовед во серијалот што следува, посветен на канцерогените ликови, метастазирани нé само во македонскиот спорт, туку и бизнис, политичките кругови и целото македонско општество воопшто.

А, дали ќе најдеме лек за нив, и ќе го излечиме македонскиот спорт, времето ќе покаже, ние време имаме на претек.

Родители, одважете се и придружете ни се во оваа мачна и долга борба, ако не сте го спасиле вашето дете и вашиот буџет, помогнете заедно да спасиме нечие друго дете.

Ликовите на текстот на авторот му се добро познати (некои повеќе, некои помалку), а секое поистоветуваат со опишаните во текстот е само чиста коинциденција или случајност како дел од одраз во огледалото во кое сами се препознавате, поставувајќи си го прашањето – Дали мисли на мене? … „господа“ – „спортски работници“.