Како повеќе пари да завршат во македонскиот спорт!?

Изминатиот период актуелни се случувањата со Законот на игри на среќа. Тој е особено важен и за македонскиот спорт, бидејќи дел од средствата се влеваат токму во спортот.

Како до подобрување на овој закон и можни поголеми бенефити за македонскиот спорт во колумната на Професорот др. Иван Анастасовски.

Како до изградба и подобрување на спортската инфраструктура преку измени на Закон за игри на среќа и забавните игри

Во контекст на дебатата за измени на Законот за игра на среќа и за забавните игри, кој наместо да оди со европско знаменце, по реално е да се отвори широка јавна дебата за тоа дали е потребен и (ако евентуално е потребен) како тој истиот Закон би можел да се искористи на позитивен начин за развој на спортот и спортската инфраструктура, иако овој Закон има негативни реперкусии особено над младите во нашата држава.

Текстот доаѓа во период кога Претседателот на нашата држава Проф. д-р Стево Пендаровски решително стави вето на последните измени на овој Закон и тоа со право претседателот сака да ја врати дебатата низ институциите се со цел да се утврди реалната потреба од измени и дополнувања на овој Закон.

Ако на пример направите обид како поединец да се обратите до надлежните во општинската или државната администрација со идеја за оживување на некој од подзаборавените спортски комплекси или пак со визија за нова спортска инфраструктура, верувајте одговорот ќе биде дека вашата идеја е одлична, но за жал, општината, градот или државата немаат финансии за реализација на такви капитални објекти. Токму од тие причини коректно е да се изнаоѓаат соодветни решенија за решавање на овој проблем преку измените на Законот за игри на среќа и забавните игри каде во игра се огромен % на финансии.

Што е тоа што може да се смени во Законот за игри на среќа и за забавните игри, а да цели кон подобрување на спортската инфраструктура низ државата?

Деновиве се пристапи кон измени и дополнување на цитираниот закон во делот на оддалеченоста на спортските обложувалници од школите со цел за намалување на нивното негативно влијание врз младите. Би сакал да верувам дека оваа мерка ќе има позитивни резултати иако лично сум скептичен, но затоа подолу во овој текст ќа прикажам податоци базирани на нашето истражување со колегата

Проф. д-р Лазар Нанев за степенот на обложувањето во нашата држава кој е единствен од овој вид на истражувања. Но, што е тоа што всушност би сакал да го постигнам со оваа писание, а тоа е реактивирање на идејата за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и за забавните игри и членот член 79 кој гласи, цитирам:

„За приредување на игрите на среќа во обложувалница, приредувачот на игри на среќа во обложувалница плаќа посебна давачка во висина од 20% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на месечна основа.
(2) Посебната давачка од ставот (1) на овој член се плаќа до 15ти во месецот, за претходниот месец.
(3) Доказот за уплатата на посебната давачка од ставот (1) на овој член приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен да го достави до Министерството за финансии најдоцна до 15ти во месецот за претходниот месец“.

Затоа во периодот кој следува а за него говореше и Претседателот Пендаровски неминовно е да се наметне дебата околу предлогот за измени и дополнување на текстот од законот во насока на: развој, унапредување, афирмација и одржување на спортот и спортска инфраструктура, понатака за изградба и реновирање и обезбедување на одржливоста на спортските објекти низ нашата држава.

За реализација на таа цел предлагаме приредувачите на игрите на среќа преку средствата врзани во сите компјутери на обложувалниците да се задолжат да плаќаат посебна давачка во висина од 20 % од остварениот вкупен годишен приход.

Овие средства да бидат јасно и прецизно наменети како за изградба, така и за реконструкција на јавната спортска инфраструктура низ државата. Поради тоа што се работи за прилично висока сума на финасии најпожелно би било распределбата на финансиските средства да ја врши посебно тело во кое ќе има претставници од Агенцијата за млади и спорт, Кабинетот на Претседателот на државата, спортските федерации и Македонскиот Олимписки комитет, како и  претставници од високо-образовни институции од областа на спортот и градежништвото и архитектурата и истакнати спортски и научни работници.

Оваа се само дел од мерките за кои ќе се отвори дебата во јавноста околу измени и дополнувања на текстот на Законот за игри на среќа и забавните игри.

Проф. д-р Иван Анастасовски