Македонската машка одбојкарска репрезентација патува за Лоѓ, Полска, каде утре ќе го има своето деби во европската Златна лига.

За разлика од годините наназад кога Македонија настапуваше во Сребрената лига во која атакуваше и освојуваше медали, сега црвено-жолтите се во улога на аутсајдери во далеку посилната конкуренција.

Првиот противник репрезентацијата на Украина е седмопласирана од последното Светско првенство факт кој сам по себе говори за квалитетот на противниците, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

„Мислам дека сме подготвени. Здравствениот билтен е добар. Се надевам дека ќе се радуваме на успеси. Нашата примарна цел е да на најдеме и сознаеме нашата игра.

Една година не сме играле заедно. Лани ни недостасуваа Љафтов и Ангеловски. Згора на тоа имаме и нов стручен штаб, со нови идеи и тактика. Затоа мислам дека оваа Златна лига ќе ни послужи за воигрување.

Неможам да ветам ништо. Ова е прв пат по седум години да не атакуваме на медал, туку одиме да се надигруваме и да ја покажеме нашата игра, но сигурно не се откажуваме од ништо“, изјави капитенот Ѓорѓиев.

Натпреварот со Украина ќе се игра во сабота од 19 часот, а Македонија за противници во Б групата ќе ги има и селекциите на Белгија и Хрватска, против кои првите средби ќе ги игра на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.