Сара (18 г.) и Андреј (14 г.) Стојановски се сестра и брат кои бележат одлични резултати во пинг понгот. Тие во моментов се актуелни државни шампиони во неколку возрасни категории. Но, она што ги издвојува од сите е тоа што тие се прв пар, кој освоил медал во мешани двојки во Македонија, а се брат и сестра. Двајцата се членови на ППК „Крива Паланка“ во своите возрасни категории, но имаат настапи и како сениори Сара во ППК Работнички, а Андреј во Телеком НЕЦ. Сара тренира пинг понг од 2016 година, а Андреј од 2019 година.

За љубовта кон пинг понгот е „виновен“ нашиот татко. Јас постојано бев со него на турнири и гледав како „скока“ топчето. Работам напорно, а за секој кој успех татко ми ја известува класната во училиштето, истакнува Сара која е одлична ученичка во средното училиште „Васил Антевски Дрен“.

И Андреј е одличен ученик, а со пинг понг почнал 2019 година. Но, веќе има вредни резултати, пред се титулата државен првак како сениор до 21 година со негови 14 години.

По сестра ми и јас почнав со пинг понг. Голема помош имам од татко ми и од дедо ми, кои воедно се моите тренери. Но, кога ми е најтешко тие ми помагаат најмногу. Голема поддршка имам и од сите наставници и другарите од училиштето каде што учам „Мирче Ацев“, истакнува Андреј.

Таткото Сашо е главниот „виновник“ затоа што децата се „заразени“ со магијата на белото топче.

Тешко е да се биде и татко и тренер. Најтешко е да се работи со своите деца, особено што тие знаат речиси се. Но, како и да е добро се снаоѓаме. Финансискиот товар е најмногу на семејството, но имаме голема помош од училиштето „Мирче Ацев“ каде тренираме и од општината Ѓорче Петров, каде имаме главна цел бесплатен спорт за децата.

Сара и Андреј тренираа по 2 до 2,5 часа во текот на денот четири до пет пати неделно, а во текот на викендот имаат редовно натпревари. Секој нивни настап е запишан, а за тоа е „виновен“ нивниот дедо Младен кој ја има улогата на „четен чато“. Но, дедо Младен во исто време е најголем поддржувач и голем критичар за време на нивните настапи, а некојпат знае и да ја напушти.

Да се надеваме дека тоа ќе го прави се помалку.

Нивна цел е настап на меѓународната сцена, како сениори.