Екипите на Интер и Милан, вечерва ќе го одиграат вториот натпревар од полуфиналето на Лигата на Шампиони. Милан ќе тргне по чудо и целосен резултатски пресврт, Интер ќе се обиде „господски” да си ја зачува предноста и да завери финале. Во првиот натпревар Интер славеше со 2:0 против градските ривали и со значителна предност влегува во повратниот дуел.

Интер продолжува да игра во фантастична форма, па после победата над Милан, славеше со 4:2 во дуелот во Серија А против Сасуоло. Со таа победа и киксот на Лацио, Интер скоро и да го заверија билетот за следната сезона во Лигата на Шампиони. Екипата на Симеоне Инзаги сака заверка за финале во европската елита, прво после фамозното финале во 2010 на „Сантијаго Бернабеу” во кое Горан Пандев и Жозе Мурињо се снабдија со епитетот европски шампиони. Интер ќе ги има своите шанси бидејќи на овој дуел влегуваат како домаќини, но „Сан Сиро” е дом на двата вечни ривали така што нема тоа да биде од преголемо значење.

Милан пак, од друга страна играат променливо повторно како и цела сезона. Кога и да изгледаше дека ќе земат залет, тие се сопнуваа и паѓаа. Милан теоретски ги загуби шансите за европска елита следната сезона, со поразот од Специја од 2:0.

Пресврт и победа, не би значело само ново европско финале за екипата која е највеќе „накитена” со европски успеси од Италија, би значело можност за 8.ма победа на „росо-нерите” во Лигата на Шампиони и директен пласман за следната сезона. Евентуален триумф на Милан би значело дека Италија за прв пат би имала 5 претставници во Лигата на Шампиони.

Милан има многу што повеќе да добие и загуби од ова полуфинале. Стефано Пиоли ќе мора да ја зацврсти својата „банда” и ќе мора да докаже дека Милан е дестинација и за нови инвеститори во тимот и нови играчи од највисок квалитет.

Има премногу за размислување, но малку време за гигантите. Интер и Милан вечерва ќе се соочат за последен пат сезонава,  со иста цел од двете страни, финале во Лигата на Шампиони. Интер ќе ја има „полесната„ задача да зачува позитивната предност, Милан сака да докаже уште еднаш дека чуда се случуваат во Лигата на Шампиони.

21 часот е „пресудниот“ термин за двете милански екипи.

Андреј Велјаноски