Eкипата на Ајнтрахт Фракфурт e вториот финалист во германскиот куп откако вечерва успеа да слави на гостински терен во Штутгарт против истоимената домашна екипа со 3:2. Со оваа победа Ајнтрахт Франкфурт си закажа ново финале во германскиот куп, овој пат противник ќе им биде екипата на РБ Лајпциг.
Штутгарт одлично го почна натпреварот и по 19 минути игра успеа да стигне до водство со голот на Тиаго Томас. Гостинската екипа после примениот гол нападна посериозно, но не успеа да го изедначи резултатот во првиот дел.

Во второто полувреме Ајнтрахт не чекаше многу до израмнување и по само 6 минути игра Еван Ндика успеа да постигне гол за 1-1. Диачи Камада во 55-минута постигна гол за пресврт и резултатот гласеше 2-1 за гостите. На Штутгарт не му преостануваше ништо друго освен да нападне, а со тоа да остави простор за контра напади на гостите. Се играше 75-минута кога судијата Даниел Шлагер покажа на белата точка за Ајнтрахт Франкфурт, а Коло Муани беше сигурен реализатор и го зголеми водството на 3-1. Енцо Милот со удар од 16 метри во 83-минута успеа да го совлада Кевин Трап и да ја врати неизвесноста до самиот крај. Две минути подоцна Борна Соса го заработи својот втор жолт картон и го остави Штутгарт да се бори со играч помалку на теренот. Домаќините и со 10 играчи не се предадоа и до самиот крај се бореа за израмнување, но во тоа не успеаја.

Финалето од германскиот куп ќе се игра на 3.јуни на Олимпискиот стадион во Берлин.

Филип Василевски