Фантастичен натпревар на стадионот „Луж“ во Лисабон. Цврста игра со остри прекршоци и стартови на стартот од “О Класико” португалското дерби помеѓу Бенфика и Порто кое заврши со победа на гостите со 2:1.

„Орлите од Лисабон” го отворија натпреварот во 10-та минута со автогол на Диого Кошта, чуварот на мрежата на Порто. По одличниот скок и удар со глава на Гонсало Рамош во пречката, топката се одби од пречката директно во не среќниот голман и заврши во неговата мрежата за 1:0.

Во 37-та минута по грешка во одбраната на „Змејовите”, Гонсало Рамош имаше шанса да ја удвои предноста, но голманот сјајно го спаси својот тим.

Матеус Урибе, по фантастично спуштената топка од страна на младиот Пепе, го изедначи резултатот на 1:1 и ја подигна атмосферата на екипата.

Мотивирани играчите на Порто постигнаа гол за пресврт во третата минута од продолжението (45+3) на првото полувреме. Но, радоста на гостите кратко траеше, бидејќи по прегледувањето на ВАР снимката, голот беше поништен поради минимален офсајд од неверојатни 6 сантиметри.

Сепак гостите успеаја да стигнат до пресврт и голема победа над „омразениот“ ривал во 54-та минута со голот на Меди Тареми. Најефикасниот играч на актуелниот првак, Порто, го совлада Влаходимос, голманот на Бенфика, со удар од работ на шестнаесетникот и го постави конечниот резултат 1:2.

Бенфика следното коло гостува кај Чавес, додека пак Порто на домашен терен ја пречекува екипата на Санта Клара.

Извештај: Марио Петровски