МЗТ Скопје веќе нема „кредити“ за трошење, односно не смее да загуби ниту еден во наредните три преостанати натпревари, доколку сака да се надева на опстанок во АБА лигата.

Првата од трите „меч топки“ сино-белите ја имаат утре против Задар.

Јасно им е тоа на аеродромци, па затоа и нивниот најдобар играч во последните неколку средби Американецот, Кандре Кук, смета дека е време да одиграат на посакуваното, победничко ниво.

„Мора да дадеме се од себе за да дојдеме до посакуван резултат на мечот против Задар. Противникот е силен, игра одлично сезонава, поради што секако дека нема да биде лесно. Време е да одиграме најквалитетно што можеме, а ако го сториме тоа тогаш може да се надеваме на триумф“, вели Кук.

Дуелот МЗТ Скопје Аеродром – Задар на програмата е утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20 часот.