КФМ минатата година ја завршила со „ќар“, а има и уште за земање!

Кошаркарската Федерација на Македонија (КФСМ) денеска има редовно годишно Собрание, на кое покрај „реизборот“ на Претседател, ќе биде и презентирана завршната сметка на федерацијата за 2022 година.

КФСМ годината ја завршија со позитивно салдо од 4.686.376, денари или нешто над 76.илјади евра, а кога ќе се споредат расходните и приходите, федерацијата уште има и за земање.

Во федерацијата влегле речиси 2.милиони евра, од кои најголемиот дел се од организација и настап на младинските репрезентации и Европските шампионати одиграни во нашата земја, а потоа дотации од државата.

Клубовите по најразлични основи во федерацијата уплатите над 230.илијади евра, но затоа тие се и најголемите должници.

Имено во ставката „ПОБАРУВАЊА“ федерацијата „ЌЕ има за земање“ 206.506 евра, и тоа како побарување на долгови од клубовите, по основ на котизации, странски играчи, казни по билтени и закуп на сала.

Не сакајќи да навлегуваме подетално во финансиското работење на кошаркарската федерацијата, само ќе издвоиме дека федерацијата по основ на „Кирија“ платила 26.288, за Одржување на хигиена 5.148, а за Занатски работи, сервис, поправки и слично 12.525 евра, а клубовите мака мачат со изнаоѓање на финансиски средства (исклучок „Спортскиот ваучер“).

Како за потсетување. При доаѓањето на претседателската функција актуелниот, а повеќе од „сигурно“ и иден прв човек, Перо Антиќ ветуваше, дека во неговиот мандат, ќе ги укине сите давачките на клубовите, по основ на котизации!

Да. Првиот потег беше намалување на сумата за сениорите, па од 10.000, клубовите сега плаќаат по 8.000 евра за Прва лига (мажи), 1.000 евра (жени) и така натаму, а откако првата сезона од неговото доаѓање, првенствено благодарение на компанијата Триглав Осигурување и поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓе Воиновиќ, младинските лиги беа бесплатни, годинава секоја пријавена екипа плаќа по 100 евра, но и судиски и делегатски такси (барем во првиот дел од сезоната).

На Собранието, претставниците на клубовите ќе треба да го прифатат и извештајот за работата на федерацијата, што подразбира, извештај за постигнатите резултати, од кои сигурно сме „презадоволни“, бидејќи мак-баскетот во 2022, но и претходните години, имаше такви „врвни“ достигнувања, што сите искрени љубители на спортот веднаш ги заборавија, но не и оние кои директно се одговорни и инволвирани во кошарката, па тие очекуваме едногласно, а најверојатно и со громогласен аплауз да ги поздрават тие „успеси“.

Од ветувања, до исполнувања, старите велат „Бог и шеширџија“, но за кого е, нека е, кога со свој камен сами си удираат по глава.

Комплетниот финансиски извештај на Кошаркарската федерација можете да го видите во продолжение, а ова е дел од она што ние го издвоивме.