Денеска започна продажбата на билетите за првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против Малта од квалификациите за ЕП 2024 и пријателскиот меч против Фарски Острови.

На 23. март (четврток), нашата најдобра репрезентација ги отвора квалификациите за ЕП против Малта на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Четири дена подоцна, на 27. март (понеделник), во пријателски натпревар ќе ја пречекаме селекцијата на Фарски Острови.

Продажбата на билети за натпреварот Македонија – Малта и натпреварот Македонија – Фарски Острови се одвива исклучиво преку продажната мрежа на MkTickets.

Влезниците ќе се продаваат по цена од 200 и 300 денари, а продажбата на билетите ќе се одвива исклучиво со физичко присуство на купувачите. Поради нефункционалност на читачите за билети на Националната арена, за двата натпревари нема да има on-line продажба и електронски билети.