Александар Јовиќ е именуван за нов тренер на битолски Еурофарм Пелистер, информираа од клубот.

Поранешниот македонски репрезентативец кој веќе три сезони го предводеше вториот тим на пелистрци ќе го наследи Данецот, Ларс Валтер, со кој спогодбено беше прекината соработката по елиминацијата во ЕХФ Европската лига.

„Со огромно задоволство ја информираме ракометната јавност, дека нов тренер на РК Еурофарм Пелистер е господин Александар Јовиќ. Исто така информираме дека за нов стручен тим-менаџер е назначен господинот Звонко Шундовски. Управата на РК Еурофарм Пелистер смета дека ова е најдоброто можно решение за постигнувањето на главната цел оваа сезона. Упатуваме голема благодарност до Јовиќ и до Шундовски кои во овие сензитивни и значајни моменти го прифатија големиот предизвик. Клубот наскоро ќе го објави составот на стручниот штаб и реорганизацијата до крајот на сезоната“, се вели во информацијата на Еурофарм Пелистер.

Јовиќ помогнат од Шундовски ќе има тешка задача да се избори за шампионскиот трофеј во првенството, како и да го одбрани Купот на Македонија.