Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја постигнаа првата победа сезонава во СЕХА лигата откако на домашен терен ја совладаа Војводина со 30:25 (14:12). Битолчани сеуште го чувстуваа притисокот од неуспехот во Лига Европа, па добар дел од дуелот го играа во грч. Незадоволството од учинокот во еврокупот го искажаа и навивачите „Чекмбари“ кои не беа присутни на дуелот. Гостите од Нови Сад овој натпревар го одиграа со 12 играчи, кои допатуваа во Битола.
Инаку, Еурофарм Пелистер добро го почна дуелот и по 10.минути имаше водство од 6:1, но гостите брзо се вратија резултатски и за две минути беше 6:4, па тренерот на битолчани Ларс Валтер побара тајм аут. Еурофарм Пелистер успеваше да се одлепи во неколку наврати на 3-4 разлика, но гостите од Нови Сад успеваа да намалат до негатива од -1.
И во вториот дел беше иста слика, како да се играше без одбрани. Во 40.та минута беше 20:18 или плус два за битолчани разлика која најчесто ја имаше домашниот тим во овој натпревар, а гостите пропуштија и шанси да изедначат во вториот дел (единственото беше на почетокот 1:1). Во 53.та минута Еурофарм Пелистер повторно имаше + 5 (27:22).
Најефикасен кај Еурофарм Пелистер беше Каспер Кисум со 9 голови, додека во редовите на Војводина беше Никола Ковачевиќ со 8 голови. Голманот на Еурофарм Пелистер Марко Кизиќ имаше 12 одбрани, додека голманот на Војводина Марко Драшко запиша 11 одбрани.
Следниот натпревар Еурофарм Пелистер го игра дома против хрватскиот тим Нексе на 14.март.