Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва од 20:45 часот го играат последниот натпревар од групата Д од Лига Европа. Во Битола ќе гостува украинската екипа Мотор. Гостите во Македонија се надеваат дека со триумф ќе можат да стигнат и до 4.то место во групата бидејќи дуелот во Битола е директен за таа позиција. Сепак и во редовите на македонскиот претставник очекуваат победа за потврда на таа позиција, но и за евентуално искачување на третото место на табелата.

„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се подготвиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка подготовка и да играме на победа. Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно“, истакна голманот на битолчани Урбан Лесјак, воедно очекувајќи ја и третата победа во групата.

Во првиот дуел на овие два тима Еурофарм Пелистер постигна победа како гостин 33:30.

Покрај натпреварот во Битола од оваа група се играат дуелите: Бидасоа Ирун – Архус и Агуаш Санташ. Сите дуели почнуваат во 20:45 часот.

Табела: Фуксе Берлин 18 бодови, Архус 14, Бидасоа 7, Еурофарм Пелистер 6, Мотор 5, Агуаш Санташ 4.