Тимот на Наполи маршира по „скудетото“. Избраниците на Лучано Спалети се буквално незадржливи, па на гостувањето кај Емполи со рутински 0-2 дојдоа до дваесет и првата победа во сезоната.

Натпреварот започна со грешка на Исмајли кој си постигна авто-гол во 17 минута. Само 10 минути подоцна, најдобриот стрелец на Наполи и водечкиот стрелец во Серија А, Виктор Осимен во 27-та минута зголеми на 2-0. За Осимен ова е 19. гол оваа сезона.

Дамка на победата на Наполи фрли црвениот картон на Марио Руи кој во 68-та минута направи непромислен потег и жестоко стартуваше. Нашиот репрезентативец, Ељиф Елмас натпреварот го започна на клупата за резерви, а шанса за настап доби во 71-таминута кога го замени Кварацкелија.

Ова е седма победа по ред на Наполи, вкупно 21 оваа сезона и полека но сигурно Нaполетанците чекорат кон ,,скудетото” кој го чекаат 33 години, уште од времето на Диего Армандо Марадона.