Ракометарите на Еурофарм Пелистер се во Берлин, каде утре ги очекува тешко гостување кај Фуксе во претпоследниот меч од групната фаза во ЕХФ Европската лига.

Германскиот тим е неприкосновен во Д групата, во која досега има максимални осум победи.

Пелистерци пак се на 4.место на табелата и сеуште стрепат за својот пласман во разигрувањето. Математики многу, но едно е јасно дека од битолскиот тим, калкулациите ќе ги остават за други, а тие ќе се обидат сами да си ја завршат работата.

„Се подготвуваме за натпреварот против Фуксе Берлин, иако немаме доволно време за да се спремиме. Знаеме каков противник имаме против себе, нема потреба да трошиме зборови за Фуксе Берлин, мотивира самата средба против ваква екипа. Ќе се подготвиме најдобро што можеме, па сигурен сум и верувам дека ќе дадеме максимум за што е можно подобар резултат“, вели Ненад Костески.

Утрешниот натпревар меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер ќе се игра во вечерниот термин од 20:45 часот.