– Заедно да играме во црвено-жолтиот дрес на Македонија!

Мисијата на sport+ logo за промоција на млади македонски спортисти, низ интервјуа, разговори, презентации, видеа и слики, со нашите таленти, не ја започнуваме се еден-а спортист-ка, туку со две.

Станува збор за 19-годишните близначки Ива и Ивона Кимовска, ракометарки на ЖРК Вардар.

Само пет минути помладата Ива ни раскажува за првата средба со ракометот.
Бевме прво одделение. Еден ден тато ни рече да се спремиме и дека од денеска ќе одиме да тренираме ракомет. Се погледнавме збунето. Што е тоа?

– До тогаш и не знаевме што е тоа ракомет. Отидовме во ОУ „Блаже Коневски“, таму функционираше ракометната школата (клуб) Кастратовиќ. Тогаш прв пат видовме што е ракомет, дополнува Ивона.

Првите чекори се со легендарната Индира. Двете, шест годишни девојчиња и незнаат дека пред нив е некогашната најдобра светска голгетерка. Ни раскажуваат како низ игра и забава, Зоран и Индира Кастратовиќ ги учат на првите ракометни чекори, несвесни дека тоа се чекорите кон првата ‘љубов’… РАКОМЕТОТ.

Само еднаш во својата веќе 13 годишна ‘кариера’ близначките играле една против друга на официјален натпревар. Тоа се случило во вардаровата Јуниор лига во која (Ива, веднаш го промени својот ведар лик, кој владееше во текот на разговорот), ни раскажа како нејзината сестра играла во тимот со генерација повозрасни, и подобри, па победила таа (тие).

Хахахаха… Забележлив е од прва, натпреварувачкиот дух кој го имаат овие млади девојки, а тоа веднаш ме поттикна на следното прашање.

Кој натпревар, момент, досега ви останал во најголемо сеќавање!?
– Оној со Овче Поле, како од ‘пушка’ ни одговори Ива.
– Беше многу неизвесен, интензивен натпревар во кој двете екипи ја посакувавме победата. Ние бевме храбри и покажавме карактер и срце како екипа, бевме сложни и многу се боревме … Победивме…. Со гордост и среќа се присетува Ива.

Нејзината сестра само потврди дека Ива е по темпераментна и дека е голем борец кој не сака да губи.

– Е кога ќе загубиме, и тоа е делот од спортот, тогаш јас сум прва на тапет. Но, кога ќе победиме, повторно сум прва во нејзините прегратки на среќа и задоволство од триумфот, вели Ивона.

– Да така е, потврдува Ива, додавајќи дека на ревијален натпревар на кој младите девојчиња играле против своите мајки, таа играла помалку од својата сестра, бидејќи како што вели самата, несакала да загуби, па играла малку по грубо (остро), по што Здравка Дамовска која во тој период им била тренер, решила да ја ‘олади’ на клупата.

Инаку, со Дамовска соработувале и во ракометната школа КЛ7, на Кирил Лазаров, чии летни кампови во Охрид им оставиле голем впечаток, каде минале, работеле и учеле, од повеќе врвни поранешни ракометарки и тренери.

Пред доаѓањето во ЖРК Вардар, тие биле дел и од екипата на ЖРК Шампион, на Валентина Радуловиќ и Слободан Чивлачки, а минале и три години во Спартак.

Вардар е посебна приказна и посебна љубов.❤

Ива ни вели. – Тогаш играше Андреа Пенезиќ од ЖРК Вардар. Беше толку добра што мене ми стана идол, па затоа решив да го земам дресот со број 23.

Ивона се надоврзува со разговорот велејќи дека нејзин идол е Јована Радичевиќ, легендарното вардаровото крило, позиција која најмногу и ‘лежи’ и на Ивона, иако честопати може неа да ја видите и на бековското место.

Инаку, Ивона е студент на прва година на Правниот факултет, а на наше големо изненадување ни откри дека себеси се гледа како иден спортски новинар. Желбата за новинарството ја добила од блиското пријателство на нејзиното семејство со некогашниот новинар Атанас Ковачевски, колега кој за жал прерано не напушти.

Досега сте немале настап во репрезентацијата на Македонија. Како е чуството кога нема да го прочитате своето име меѓу повиканите од селекторите?
Двете се согласни.
– Имаме одлична генерација на млади ракометарки во Македонија. Конкуренцијата е навистина голема, но се надеваме дека еден ден и двете ќе го облечеме црвено-жолтиот дрес на Македонија, вели Ивона.

Ива ќе дополни – Да. По малку е разочарувачки, но и мотивирачки. Едноставно, ме тера да туркам напред и да работам повеќе, па еден ден да бидам дел од репрезентацијата.

А, не случајно се близначки, па Ивона ќе ни рече. Тоа е наша цел. Со Македонија да играме на некое големо натпреварување, Европско или Светско првенство. Знаеме и двете дека патот нема да биде лесен, ниту за нас, ниту за другите, но верувам дека тоа бргу ќе се случи.

Двете велат, дека од спортот (ракометот) добиле многу. Можеби ги загубиле детските денови како останатите нивни врсници во помалите години, но затоа и двете млади девојки се среќни што, како и самите ќе речат, имаат огромен број на пријатели, другарки и од другите градови од екипите против кои играле.

Ивона – Обврските се секојдневни. Факултет, тренинг, па дома и времето летнало. Она малку слободно што го имаме е во текот на летото, го користиме пред сѐ да се видиме со роднините и другарките со кои поретко се гледаме бидејќи нам спортот ни е на првото место, а тие тоа го разбираат и имаме поддршка и од нив.

 А, во текот на сезоната? Како го пополнувате она малку време што го имате?
Хахахаха…. нели се близначки, па и овојпат се едногласни!?
– Сакаме да приготвуваме јадења. Ивона “признава” дека Ива е онаа која почесто знае да подготви убава храна.

 Која кујна ви е омилена.
Ива – Јас сакам да правам месени работи. Тоа ми е навистина интересно и убаво. Научив од мама и баба. Сакам да е вкусно, но и убаво сервирано. Знаете. Имам план, да се запишам на Полициската Академија, но ако не успеам таму, тогаш сакам да се едуцирам во кулинарство. Едноставно. Сакам да приготвувам убава храна.

Муабетот со младите тинејџерки чии години секако се и во периодот на првите симпатии, е и неизбежното прашање, дали воопшто наоѓаат време за нив!? Но, Ива и Ивана низ блага насмевка го прескокнаа одговорот.

Се разбира. Тоа од почит кон нивниот тато Јане, кој директно од тренинг ги донесе на закажаното место за овој разговор. Како што велат самите, тој е нивната најголема поддршка кога во прашање е спортот. А, тој самиот поранешен фудбалер, сегашен делегат на ФФМ, но и нивниот постар брат Дамјан, кој исто така игра фудбал, а сега случајно се појави на местото каде ние го водевме разговорот.

Со младите близначки “Надал” како што ги викаат нивните соиграчи, се отворија многу теми за разговор.

Но. Сега завршивме тука. Го чекаме продолжението на сезоната, во кое тие, вардарки, ќе се сторат се, да им ги ‘замрсат сметките’ на фаворитките за титулите, па тогаш повторно да поразговараме и да видиме дали зацртаните цели ги исполниле!?