Ракометарите на Еурофарм Пелистер се враќаат на обврските во ЕХФ Европската лига.

Битолчани кои вториот дел од сезоната го започнаа со два гостински порази во СЕХА лигата, сега гостуваат во Данска кај одличниот состав на Скандерборг Архус.

„Тешко беше неделава, бидејќи ние неколкумина од Светско првенство директно дојдовме во Нови Сад, брзо потоа следеше и Нексе и тие натпревари добро ни дојдоа да се воиграме. Штета што не победивме барем еден натпревар од СЕХА лигата. Ќе пробаме тие два натпревари добро да ги искористиме и сега се вртиме на Европа и предизвикот кој ни следи“, вели Мирко Радовиќ, капитен на Еурофарм Пелистер.

Јасно е дека Скандерборг важи за апсолутен фаворити и дека пелистерци ќе имаат „невозможна мисија“.

„Добро се подготвуваме, гледавме видео-материјал за Архус, како и првиот натпревар во Битола. Се обидуваме да сигнализираме каде погрешивме. Се работи за најпријатно изненадување во првиот дел на сезоната, како во Европа, така и во домашното првенство, каде му зедоа „скалп“ на Алборг. Се работи за одлична екипа која игра брз ракомет, екипно се феноменални, имаат одлична контра и полуконтра. Утрешниот ден ќе го искористиме за детали и одиме во Данска да дадеме сè од себе и да тргнеме добро годинава во Европа“, дополнува Радовиќ

Натпреварот од 7.коло во Д групата на ЕХФ Европската лига меѓу Скандерборг Архус и Еурофарм Пелистер на програмата е утре со почеток од 18:45 часот.