Изненадувањето на колото од Италијанската Серија А, го приреди екипата на Емполи, која вечерва на гостински терен во Милано, го совлада Интер со 1-0.

Избраниците на Симоне Инзаги само 4 дена откако го освоија супер купот претрпеа непријатно изненадување во лигата. Несмасниот потег на Шкрињар, кој заработи втор жолт картон и исклучување, ги остави ,,Нероаѕурите” во 41-та минута со играч помалку.

Бројчаната предност на теренот ја искористија гостите од Емполи, кои преку Томазо Балданзи во 66-тата минута дојдоа до предност од 0-1.

Симоне Инзаги фрли се на една карта до крајот на натпреварот уфрлувајќи ги сите офанзивни играчи кои ги имаше на располагање. Интер во повеќе наврати сериозно се закани, а ја погоди и пречката од голот на Викаријо, но ниту една шанса не крунисаа со гол, со што резултатот остана непроменет 0-1.

Со овој пораз Интер го загуби чекорот со водечкиот Наполи, па ,,Нероаѕурите” заостануваат дури 13 бода.