Репрезентациите на Германија и на Норвешка ги обезбедија првите две места во главната фаза во групата 3 што се игра Катовице.

Двете репрезентации ги совладаа своите денешни ривали и во меѓусебниот дуел во понеделник ќе решаваат за првото место. Германија ја совлада Холандија со 33:26, додека Норвешка го победи Катар со 30:17. Во првиот натпревар од групата денеска Србија ја победи Аргентина со 28:22.

Во групата во Малме очекувана разврска. Од оваа група сигурно во четвртфиналето е Египет кој денеска славеше над Бахреин со 26:22.

Хрватска ја совлада Белгија со 34:26, додека светскиот првак Данска забележа победа над САД со 33:24. Данска со два бода повеќе од Хрватска е најблиску до последното слободно место за четвртфиналето.