Високиот пораз од Холандија предизвика незадоволство и разочарување во нашата репрезентација, а тоа особено беше видливо на лицата на поискусните ракометари.

Еден од оние кои реагираа критички кон нашата игра беше и левото крило, Дејан Манасков, кој потенцира дека повторно одигравме лошо, без да се придржуваме до договореното.

На крајот повторно нагласи дека против Аргентина ќе се обидат да го обелат образот и да одиграат натпревар достоен на едно светско првенство.

„Играме катастрофално, тоа што го кажав пред натпреварот се исполни. Кажав, ако играме како против Норвешка – ќе загубиме со десет гола и тоа се исполни. Очигледно немаме квалитет за вакви натпревари. Овие средби се играат со памет и срце, а без мотивација и со загубени глави не се игра. Во периодот кога колку-толку се вративме, пак ги направивме истите грешки како претходно. Мислам дека тоа се должи на неискуството на одредени играчи, имаме доста дебитанти, што и не е оправдување. Ќе собереме сили, ќе се обидеме да ја победиме Аргентина и да се пласираме во вториот круг, барем достоинствено да се простиме од Светско првенство, а таму со Бог напомош…“, изјави Манасков.

Шанса за пласман во главната фаза нашите ракометари ќе бараат во дуелот со Аргентина во вторник.