Новиот ден носи нови возбудувања во одбојкарскиот Куп на Македонија, чија завршница се одржува во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Откако вчера дамите ги одиграа полуфиналните дуели, денеска мажите се на ред.
Првото полуфинале, практично ќе биде реприза на ланското финале. Во овој меч бранителот на трофејот Штип УГД за противник ќе го има актуелниот првак Струмица. Иако шампионот е во видно изменет и подмладен состав, сепак од таборот на штипјани изјавија дека не очекуваат лесен натпревар. Напротив, струмичани ги краси голема борбеност и мотивација за секој поен, а тоа со нивниот талент ги прави опасен противник. Сепак искуството и моменталниот квалитет со право им ја дава благата улога на фаворит на одбојкарите на Штип УГД.
Овој натпревар ќе сторува во терминот од 17.30 часот, а два часа подоцна (19.30), е закажан натпреварот на второто полуфинале.
Во тој меч ќе се сретнат одбојкарите екипите на велешки ГОК Борец и скопски Работнички. И во овој меч има фаворит, а тоа е велешкиот тим. Тоа пред се и поради пехот со бројните повреди кои го следат скопскиот тим во текот на вториот дел од сезоната. Сепак ова е куп дуели во кои се игра само еден меч, па честопати се случуваат и изненадувања. Затоа фаворитите таа улога ќе мора да ја потврдат низ играта на теренот.
Победничките утре ќе се борат за трофејот во финалето закажано за 19.30 часот. Претходно од 17.30 часот ќе се игра женското финале. Во него за куп пехарот ќе играат бранителот на трофејот од лани Наковски Волеј и екипата на Вардар ЕМ.


































