Од денеска до сабота во СЦ „Јане Сандански“ ќе се играта натпреварите за завршниот турнир во одбојкарскиот Куп на Македонија. По четири екипи во двете конкуренции (жени и мажи) ќе се борат за првиот трофеј на домашната сцена сезоната.
Според распоредот, дамите ќе го отворат турнирот со полуфиналните мечеви што ќе се играат денеска и тоа во термините од 17.30 и 19.30 часот.
Екипите на Газели волеј и Вардар ЕМ за кои ова е прво учество на завршницата ќе играат во првиот меч. Во вториот тимот на Наковски волеј одбраната на трофејот од лани ќе ја почне во дуелот со Младост УГД.

Во истите термини (17.30 и 19.30 часот) во утре (петок) ќе се играат полуфиналните дуели кај мажите.
Првиот меч ќе биде реприза на ланското финале, во кое ќе играат бранителот на трофејот Штип УГД и актуелниот шампион Струмица. Во вториот полуфинален меч ќе се сретнат велешки ГОК Борец и Работнички.

Финалните натпревари на програмата се во сабота и тоа од 17.30 ќе се игра женското, а од 19.30 машкото финале.


































