Возачот на Мерцедес, Кими Антонели, ја оствари првата победа во својата кариера славејќи на Големата награда на Кина, втората трка сезонава во Формула 1.
Антонели до својот првенец, стигна во својата 26-та трка во кариерата, еден ден откако стана најмладиот освојувач на пол-позиција во историјата со 19 години и 201 ден. Младиот Италијанец, сепак, не стана најмладиот победник на сите времиња. Тој рекорд го држи Макс Верстапен со 18 години и 228 дена.
Со триумфот во Шангај, Антонели го прекина постот што траеше речиси 20 години, кога Италијанците немаа победа во Формула 1. Претходниот пат кога италијанскиот возач беше на највисокото скалило на подиумот беше на 19 март 2006 година, кога Џанкарло Физикела славеше на Големата награда на Малезија.
Антонели до победата стигна пред тимскиот колегата Џорџ Расел, со што им ја донесе втората двојна победа во сезоната за Мерцедес.
На двајцата им се придружи на подиумот седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој го освои својот прв подиум за Ферари. Со тоа, исто така, заврши неговата серија без подиум од трката во Лас Вегас во 2024 година.




































