Наполи го совлада Торино со 2:1 во 28. коло од Серија А, а стрелец беше македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас.
Елмас постигна гол во 68. минута и го зголеми водството на својот тим на 2:0. Акцијата започна по центаршут од левата страна и асистенција со глава од Матео Политано. Македонскиот репрезентативец се снајде одлично во шеснаесетникот и прецизно ја испрати топката во мрежата.
Наполи поведе уште во седмата минута со погодок на Бразилецот, Алисон Сантос.
Гостите од Торино успеаја да намалат во финишот на натпреварот (87. минута) со голот на Чезаре Касадеи
Наполи ја задржа предноста и ги освои трите бодови. По оваа победа Наполи има 56 бодови и се наоѓа на третото место на табелата, а Торино е на 14. позиција со 30 освоени бодови.





































