Немилите настани на последните фудбалски натпревари во Првата и Втората македонска лига беа причината за вонредна седница на Дисциплинската комисија при ФФМ.

Дисциплинците го казнија Вардар со 5.000 евра, а поведена е постапка против делегатот на натпреварот Шкендија Арачиново и Преспа.

ОДЛУКИ НА ДИСЦИПЛИНСКАТА КОМИСИЈА 

– Поради слаба организација на натпреварот ФК ВАРДАР – ФК БАШКИМИ, навредливо и националистичко скандирање од страна на навивачката група на ФК Вардар и користење на недозволени пиротехнички средства, клубот ФК ВАРДАР се казнува со забрана на присуство на публика на еден натпревар и парична казна во износ од 5.000 евра.

Дисциплинската комисија констатира дека одлуката на делегатот на натпреварот за изрекување опомена поради националистички скандирања е исправна, како и одлуката на судијата за привремен прекин на натпреварот.

– Дисциплинската комисија отвора постапка против делегатот на натпреварот ФК ШКЕНДИЈА Арачиново – ФК ПРЕСПА поради недоставување на релевантни факти во врска со ситуацијата околу поставувањето на државното знаме на стадионот, како и други околности поврзани со организацијата и текот на натпреварот, односно присуство на неслужбени лица на теренот за време на натпреварот.

Дисциплинската комисија ќе постапува согласно важечките прописи и по целосно утврдување на фактичката состојба ќе донесе соодветна одлука.