МЗТ Скопје Аеродром по шести пат по ред, а вкупно 19. пат ќе игра финале во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“.

Аеродромци вечерва во Куманово убедливо ја совладаа екипата на Кожув во првото полуфинале на турнирот. Во репризата на ланското финале од Гевгелија, фаворитот целосно ги оправда очекувањата и доминираше на паркетот.

Кожув рамноправно парираше само во воведните минути од натпреварот. По првата четвртина, МЗТ Скопје имаше минимална предност од 20:18. Клучната разлика беше направена во втората четвртина, кога фаворитот стигна до двоцифрена предност. По 17 минути игра, резултатот беше 36:26 за бранителот на трофејот.

Веќе до полувремето беше јасно дека исходот е решен.Во вториот дел, МЗТ Скопје рутински ја одржуваше високата разлика.

Сите десет играчи на МЗТ кои настапија, се запишаа меѓу стрелците. Најефикасен кај победникот беше Смит Мексвејн со 12 поени. Магдевски и Дамјан Стојановски постигнаа по 10.

Во финалето, МЗТ Скопје ќе го чека победникот од дуелот меѓу ТФТ и МКК Куманово.Финалниот натпревар ќе се одигра утре од 19 часот во Куманово.

Следете нé на социјалните мрежи