Сите клубови кои се дел од Првата машка лига и официјално се на зимска пауза.

Во најсилното друштво нема непоразена екипа по финишот на есенскиот дел од првенството односно лига фазата. Штип УГД ќе „презими“ како лидер, а единствениот пораз го претрпе од актуелниот шампион Струмица со 3:2 и тоа пред својата публика во Штип. Со исклучок на „киксот“ со бранителот на титулата на сите останати натпревари штипјани имаа беспрекорен учинок, па од врвот ќе продолжат во плеј-оф фазата на пролет.

Струмица ги следи од втората позиција, но шампионот, кој сезонава значително ги подмлади своите редови. Oдигра дури три натпревари од по пет сета, загуби од ГОК Борец, а како победник излезе против Штип УГД и Шкендија во последното коло.

На главните фаворити друштво им прават Работнички 71&22 и ГОК Борец, кои со прикажаната игра и резултати најавуваат интересни дуели во продолжението од сезоната. Истото важи и за Универзитет во Тетово и Сушево, кои влегоа во „плеј-оф“ конкуренцијата.

Лирија, Шкендија, Македонија Џио, Весна Провиштип, Јанта Волеј и Скопје се екипите кои ќе разигруваат во плеј-аут фазата.

Вториот дел од првенството за мажите стартува на 24 јануари 2026 година.

Според пропозициите по завршувањето на првиот дел од сезоната (лига-фазата), првите шест пласирани екипи играат во плеј-оф пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Ќе се игра двокружно „секој со секого“ и потоа првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот во битка за титула.

Екипите кои во есенскиот дел ќе се пласираат од 7 до 12 место ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плеј-аут фазата. Ќе се натпреваруваат двокружно (дома-гости), а по завршувањето на натпреварите се добива конечниот пласман во првенството.

Следете нé на социјалните мрежи