Актуелниот шампион Ѓорче Петров гостуваше кај екипата на Вардар во рамки на 13.коло на женската ракометна Супер лига.
Ѓорчепетровки стигнаа до својата 11-та победа сезонава совладувајќи ги вардарки со 36:27.
Натпреварот започна изедначено, со рамноправна игра на двете страни, сè до 16. минута кога Ѓорче Петров првпат создаде предност и поведе со 10:8. Вардарки брзо возвратија и во 19. минута успеаја да израмнат на 11:11. Сепак, гостинките потоа влегоа во одлична серија од 5-0, со што се одлепија на 18:12. До крајот на првото полувреме, Ѓорче Петров ја задржа високата форма и замина на пауза со убедлива предност од 21:16.
Во второто полувреме не дојде до значајни промени на теренот, иако вардарки се обидуваа да се вратат во натпреварот. Ѓорче Петров во 41. минута имаше сигурна предност од 26:20. Домаќинките во 45. минута успеаја да ја намалат негативата на 27:23, но тоа беше најмногу што можеа да направат. Ѓорче Петров не дозволи изненадување, продолжи со исто темпо и ја задржа контролата до самиот крај. Натпреварот заврши со триумф на Ѓорче Петров со 36:27.
Најефикасни во победничкиот состав беа Ризоска со седум, додека кај Вардар се истакна Миленковска со 11 постигнати голови.
И на другите два денешни натпревари победи славеа гостинските екипи. Трето рангираниот тим на Чаир славеше кај Куманово со 36-27, а Пелистер кај Спартак со 20-31. Последниот натпревар од оваа рунда ќе се игра утре а во Автокоманда кај Металург гостува штипски Астибо.
Ивона Кимовска





































