Барселона ја доби дерби пресметката со Атлетико Мадрид на „Камп Ноу“ со убедливи 3:1, во меч кој понуди многу драма, пресврти и повреди.
Атлетико прв го најде патот до мрежата на Барса. Баена ја искористи грешката домашната одбрана и го совлада Жоан Гарсија. Каталонците не се поколебаа и брзо возвратија: Педри мајсторски го проигра Рафиња, кој го заобиколи Облак и израмни на 1:1. Во 36-тата минута Барса имаше шанса за целосен пресврт, но Левандовски промаши пенал.
Вториот дел донесе уште поголем интензитет. Рафиња имаше одлична можност, а потоа Олмо со силен удар ја погоди стативата и ја смести топката во мрежата за 2:1. Радоста беше кратка, бидејќи токму Олмо се повреди при падот и мораше да излезе. Недолго потоа и Педри повторно почувствува проблеми и го напушти теренот.
Атлетико се обиде со офанзивни замени, но не успеа да ја пробие дисциплинираната одбрана на Барса. Најблиску беше Гризман во судиското продолжение, кога шутираше покрај стативата. Во последната минута Балде одлично центрираше, а Феран Торес ја потврди победата со гол за 3:1.
Со оваа победа Барселона ја зголеми предноста на врвот – четири бода пред Реал Мадрид и шест пред Атлетико.





































