Најдобрата македонска фудбалска репрезентација на почетокот на следниот месец ќе одигра два натпревари. Селекторот Благоја Милевски го соопшти списокот на играчи на кои ќе смета за претстојните натпревари. На неговиот список има двајца дебитанти

„За жал, не можеме да сметаме на Агон Елези поради повреда на рамото. Овојпат не се повикани Ашковски, Манев и Бојан Димовски поради ситуацијата со нивните клубови. Се надевам дека ќе се стабилизираат и повторно ќе се вратат во националниот тим“, истакна Милевски, кој се осврна и на двајцата дебитанти.

„Што се однесува до нив, Решат Рамадани сам се наметна со своите игри за Шкендија во европските купови. Има квалитети и сметаме дека е потребен за тимот. Со Елмин Растодер се надеваме дека ќе добиеме квалитетен играч кој ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот. Тој игра одлично за Тун во швајцарското првенство“, додаде селекторот.

Првиот натпревар македонските фудбалери го играат во Прага, Чешка, на 4 септември против Саудиска Арабија, а ќе биде од пријателски карактер. Тој меч ќе се игра на стадионот „Викторија Жишков“, со почеток од 17 часот. Дуелот со Саудијците, ќе биде подготовка за натпреварот со Лихтенштајн во Скопје во квалификациите за Светското првенство 2026.

Милевски со проверени сили и без многу промени во тимот ќе се обиде да стигне до третата победа и нови бодови со кои би го задржале првото место во групата.

„ Мечот против Саудиска Арабија ќе го искористиме за да испробаме некои тактички замисли и да им дадеме шанса на повеќе фудбалери.

Што се однесува до дуелот со Лихтенштајн, можеби тоа е најважниот меч за нас во овие квалификации. Максимално го респектираме противникот и мора да бидеме подготвени да го дадеме максимумот.

Најважни ни се тие три бода, а потоа ќе размислуваме за следните предизвици што нè очекуваат во октомври“, изјави Милевски.“, изјави селекторот Милевски.

Мундијалскиот квалификациски дуел Македонија – Лихтенштајн ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ на 7 септември од 18 часот.

Картите за овој натпревар може да се купат на платформата на ФФМ https://eticket.ffm.mk/#

 

Следете нé на социјалните мрежи