Српскиот голман на Севиља, Марко Дмитровиќ оваа сезона е како магнет за хулиганите. Оттако во претхнодната рунда од Лигата на Европа, Дмитровиќ беше нападнат на теренот од навивач на ПСВ, овој пат српскиот чувар на мрежата на Севиља беше погоден со цврст предмет по глава од навивачите на Фенербахче во Истанбул.

Во тензичен натпревар со многу дуели и испади на навивачите, најдебелиот крај го извлече Дмитровиќ во 55-тата минута од натпреварот кога навивачите на Фенербахче фрлаа предмети на теренот.


Во еден момент играчите на Фенербахче отидоа кај своите навивачи да ги замолат да престанат со фрлањето предмети па кога делуваше дека ќе се смират и судијата да даде знак за игра, навивачите повторно почнаа да фрлаат предмети а еден од тие предмети заврши во главата на Марко Дмитровиќ кој падна на земја.

Главата на Србинот беше крвава, па мораше да влезат клупските доктори и да го сошијат на теренот. По лекарската интервенција Дмитровиќ остана на голот и го одигра натпреварот до крај.