Машката сениорска репрезентација загуби во првиот пријателски натпревар со Хрватска одигран во Марибор. Хрватите беа убедливи и не ни дозволија да освоиме сет за трите ги добија со 25:19, 25:15 и 25:18.
Очекувано, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски имаа „тешки нозе“ во првиот контролен меч, кој беше од тренинг карактер и од затворен тип. Во договор меѓу селекторите Македонија и Хрватска одиграа и дополнителен четврти сет, кој го доби противникот со 25:23.
Уште пред заминувањето за Словенија и селекторот Миленкоски, но и репрезентативците потенцираа дека резултатот ќе биде во втор план.
Овој како и вториот натпревар се дел подготовките за настапот во Европската Златна лига . Тие треба да послужат за темпирањето на формата и воочувањето на слабостите во играта. За да види со што располага, стручниот штаб, им даде шанса на сите 15 одбојкари кои се во составот.
Вториот натпревар Хрватска и Македонија ќе го играат денеска во 17 часот, зад затворени врати.

































