Tимот на Урс Фишер беше најпријатното изненадување во првиот дел од Бундес Лигата и до пред само четири кола беше лидер на табелата. Меѓутоа некако од тој момент како се да тргна низ брдо за Унион Берлин, па веќе четврти натпревар се без победа, а од првата паднаа на четвртата позиција.

Вечерва во крајно неизвесен натпревар, Волфсбург и Унион Берлин ги поделија бодовите.

Иако домаќинот имаше повеќе од играта и шансите сепак гостите од Берлин прв поведоа и тоа со голот на Јурановиќ од пенал во 71-та минута.

Радоста на гостите ја расипа Патрик Вимер кој во 84-тата минута, кога благодарејќи на лошата интервенција на голманот Федерик Ронов, неговиот удар од работ на шеснаесетникот заврши во противничката мрежа за изедначување 1-1.

До крајот на натпреварот резултатот остана непроменет па двата тима мораше да се задоволат со по еден бод.

Унион Берлин со четвртиот натпревар во низа без победа сега со 45 бода е на четвртата позиција со ист број бодови како и Лајпциг и Фрајбург, додека пак Волфсбург со 35 е на осмата позиција.