Во фудбалската Лига на шампиони, денеска и утре ќе се играат првите натпревари од четврт-финалето. Во Лондон, Арсенал ќе го пречека бранителот на титулата Реал Мадрид.

Од една страна тим кој никогаш не го освоил ова натпреварување, а од друга страна кој има премногу искуство во оваа работа.

Главоболки за тренерите

Проблемот се повредите. Двата тима имаат потешкотии да ги одберат почетните 11, но Микел Артета и Карло Анчелоти некако ќе се снајдат.

Шпанецот на кормилото на „топчиите“ е без двајца напаѓачи. Каи Хаверц и Габриел Жесус ќе ги нема до крајот на сезоната, како и централниот бек Габриел Магалхаес. Рикардо Калафиори и Такехиро Томијасу исто така имаат повреда, а Рахим Стерлинг ќе го нема поради поради суспензија.

Кај Реал, суспендиран е Орелиен Чуамени, повредени се Едер Милитао, Дани Карвахал и Ферланд Менди, а ова е трио кое инаку веројатно би било во стартниот состав. Таму ќе го нема ниту Дани Себаљос, но добра вест за навивачите на Реал е враќањето на Тибо Куртоа на голот.

Минати дуели

Арсенал и Реал Мадрид последен пат се сретнаа во Лигата на шампионите во 2006 година, во осминафиналето на ова натпреварување. „Топчиите“ победија со 1:0 на „Сантијаго Бернабеу“ со голот на Тиери Анри, но натпреварот во Лондон заврши без голови. Арсенал таа сезона стигна до самиот крај, но во финалето беше сопрен од Барселона (2:1).

Арсенал и Реал Мадрид играа еден против друг во 2019 година, но како дел од Интернационалниот куп на шампиони, односно пријателски турнир кој се одржува пред почетокот на сезоната во САД. Откако по 90 минути беше 2:2, Реал ја доби пенал серијата.

Како ќе биде вечерва на дуелот на „Емирати“ останува да видиме во мечот што ќе почне од 21 часот.