Ракометарите на македонскиот освојувач на Купот Алкалоид вечерва од 19 часот во салата Автокоманда го играат реванш дуелот од четвртфиналето од Европскиот куп со романската екипа Минуар Баја Маре. На првиот дуел пред седум дена во Романија натпреварот заврши нерешено 31:31, па така за тимот на тренерот Кирил Лазаров и минимална победа ќе значи пласман во полуфиналето од овој европски куп.

Според зборовите на тренерот Лазаров дуелот во Романија можел да заврши со победа на која било екипа, а нерешениот резултат е можеби и најреалниот. Но, тренерот потенцираше дека романскиот тим има и „ветер во грб“ од страна на судиите, кои имале толеранција за грубата игра на искусниот романски тим.

За Алкалоид денешниот дуел ќе биде и вистински тест за оваа сезона, особено што по повредата на Марко Митев за кого сезоната е завршена, сега товарот ќе биде на капитенот Игор Ѓорѓиев, интернационалецот Оливеира, како и на Ивановски кој е дел од ростерот на Алкалоид во вториот дел од сезоната.

Романскиот противник е искусна екипа, па затоа треба голема внимателност. Секако како што напомена и Лазаров на прес конференцијата пред дуелот за конечна победа ќе биде потребна и помош од голманите, кои на првиот дуел имаа скромни две одбрани. За овој дуел Лазаров неможе да смета на повредените браќата Митеви, Костески и Симоноски.

Екипата на Баја Маре во моментов е четвртопласирана на табелата во романското првенство, а дуелот со Турда поради обврските во Европскиот куп беше одложен.

Натпреварот ќе го судат норвешките судии Мадс Далби Фремстад и Јорген Јорстад, додека делегат е Бранка Мариќ од Србија.