Одбојкарите на Штип УГД го добија дерби дуелот со Струмица во шампионатот на Македонија. Дуелот од 7.коло во Втората фаза 1, Штип УГД го совлада актуелниот шампион Струмица со 3:1 во сетови.
Уште по првиот сет се виде дека домашните одбојкари се во подобар ритам, па штипјани го добија првиот сет со 25-20.
ВО вториот сет, домашниот состав постојано беше во предност, но не поголема од два поени разлика, барем до средината на сетот. Штипјани врзаа три поени во низа и за прв пат поведоа со четири разлика (16-12). Но гостите успеаја да ја анулираат негативата и да израмнат на 19-19. Се играше поен за поен во продолжението, па на разлика сетот го доби Штип со 28-26, за водство од 2:0.
Третиот сет шампионот Струмица го започна одлично и поведе со 2-7. Домашните одбојкари во неколку наврати намалија на два негатива, но гостите пак со низа се одлепија на +7 (10-17). Таквата негатива штипјани не можеа да ја надополнат, па струмичани го добија сетот со 18-25 за намалување на резултатот во сетови на 2:1.
Домашните одбојкари во раната фаза на четвртиот сет направија четири поени предност, која се покажа како решавачка. Штип УГД го доби сетот со 25-19, а мечот со 3:1.
Со оваа победа тимот на Штип УГД го презеде првото место на табелата, токму од Струмица, па доклолку остане така до крајот на лигашкиот дел, штипјани во плејофот би имале предност на домашен терен.
Во оваа конкуренција утре ќе играат останатите два натпревари. Во Велес, екипата на Борец го пречекува составот на Универзитет во Тетово (19 часот), додека Шкендија – Работнички (20.30 часот)