Екипата на Пелистер е вториот полуфиналист во кошаркарскиот Куп на Македонија.

Во вториот четвртфинален натпревар на завршниот турнир што се игра во Гевгелија, Пелистер го совлада Чаир со 76-72.

Битолчани од самиот почеток на мечот ја презедоа контролата на играта и резултатот. Имаа зелено-белите уште во првиот период двоцифрена предност (23-13), која чаирчани ја преполовија (25-20). Во во вториот квартал иста слика на теренот. Пелистерци на пауза заминаа со пет позитива (41-36).

Во вториот битолчани имаа и најголеми 12 поени предност, но во последниот период таа разлика се „истопи“. Скопската екипа во неколку наврати го израмни резултатот, но немаше сили за комплетен пресврт.

Така Пелистер во полуфиналето му се приклучи на Гостивар кој во првиот денешен дуел беше подобар од ТФТ.

Кој ќе биде противник на Пелистер кој лани играше финале ќе дознаеме по третиот четвртфинален дуел. Во него актуелниот шампион и бранител на трофејот МЗТ Скопје Аеродром игра во вечниот ривал Работнички во терминот од 20.30 часот.

Гостиварци пак ќе го чекаат исходот од дуел меѓу домаќинот Кожув и кавадаречки Тиквеш.