Mакедонската фудбалска репрезентација ги дозна противниците во група за пласман на Светското првенство 2026 година. Македонија е во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Селекторот Благоја Милевски смета дека групата носи надеж за неговиот тим и доколку ја задржиме енергијата и позитивниот дух од последните натпревари од Лига на нации, може да се надеваме на добри резултати.
„Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман.
Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.
Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин.
Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата.
За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување”, изјави селекторот Милевски.
Натпреварите во нашата, како и останатите групи што бројат по пет репрезентации, ќе почнат во март 2025.