Во Каталонија, Барселона падна одлуката кој ќе биде шампион оваа 2024-та сезона во Мото ГП шампионатот. 

Шпанецот Хорхе Мартин од Пракам Дукати е нов светски шампион во Мото ГП откако заврши како трет во Каталонија доволно за негова прва титиула во кариерата во најсилната класа. 

Мартин имаше 19 бода предност пред Бањаја кој славеше на спринт трката и дополнително ја направи интересна и неизвесна денешната последна трка од шампионатот.

Иако Франческо Бањаја славеше во Барселона, разликата од 10 бода на крајот остана недостижна па ланскиот шампион  мораше да ја предаде титулата на шпанецот Мартин. 

На стартот Бањаја успеа да ја задржи првата позиција која ја освои во квалификациите и ја поведе последната трка. Лидерот во генералниот пласман Хорхе Мартин беше втор, а неговиот сонародник Марк Маркез на третото место. По само неколку круга Марк Маркез го мина Хорхе Мартин на второто место и дополнително му го зголеми притисокот за висок пласман кој ќе му ја донесе премиерната мото гп титула. 

Веднаш зад Мартин беше клупскиот колега на Бањаја, Бастијанини кој почна да врши притисок над Шпанецот во борба за третото место. Меѓутоа Алеиш Еспаргаро не мислеше така и во следниот круг го мина Бастијанини за четвртото место.

На 18 круга до крајот Бањаја и Маркез се оддалечиија од Мартин и ја продолжија битката за првото место. До крајот на трката немаше никакви промени во поредокот, а Бањаја стигна до 11-тата победа оваа сезона недоволно за нова одбрана на титулата. 

Втор заврши Марк Маркез, а трет Хорхе Мартин кој можеше да почне со големото славје за него и за неговиот тим.

Мартин со 508 бода остана прв, Бањаја заврши со 498 бода, а трет во поредокот беше Марк Маркез со 392 бода.

Хорхе Мартин со само три победи оваа сезона ја освои за него премиерната титула во Мото ГП, но беше неприкосновен во спринт трките оваа сезона.